Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром стигнаа до првата победа во АБА лигата оваа сезона откако го совладаа тимот на Студентски центар со 92:79. По трите дуели со големите фаворити, Црвена Звезда, Партизан и Будуќност, избраниците на Александар Петровиќ конечно добија шанса да го остварат првиот триумф, кој сигурно ќе биде голема мотивација за уште подобри игри во наредниот период.
Гостите добро се држеа во првото полувреме и на одморот заминаа со само еден поен негатива (47:46) и тоа откако Мајк Кефи даде спектакуларна тројка надвор од баланс за предност на МЗТ.
Третиот период беше решавачки откако македонскиот првак го доби со 20:11 и зголеми на двоцифрена разлика. Потоа беше полесно за МЗТ Скопје и рутински го приведе мечот до крај.
Мајк Кефи со 22 поени беше најефикасен на натпреварот, а Дамјан Стојановски уфрли 14 во редовите на МЗТ Скопје. Кај Студентски центар, Лорен Џексон и Данило Тасиќ постигнаа по 17 поени.