МЗТ Скопје Аеродром го забележа и 11-тиот пораз во 13 меча во регионалната АБА-лига оваа сезона, откако неверојатно успеа да пропушти сигурна победа во „Дражен Петровиќ арената“ во Загреб, дозволувајќи Цибона да израмни во последните секунди со тројка и потоа во продолжението да стигне до 87:85 триумф.
„Металците“ имаа водство од втората четвртина, кое достигна и 9 поени разлика, за во финишот на мечот Мајкл Кефи да пропушти слободни фрлања за зголемување на предноста, за потоа Борна Капуста да постигне тројка за израмнување. МЗТ водеше и во продолжението, за на крајот да нема сили да стигне до гостинска победа. Кефи беше најефикасниот за МЗТ со 19 поени, додека Страхиња Миќовиќ заврши со 17, додека кај Цибона, Капуста имаше 18 поени.
МЗТ продолжува во АБА лигата со супер-меч на 8 јануари против Црвена звезда, актуелниот шампион во натпреварувањето.
Фото: АБА лига