Top Sport

НБА лигата не смее да ги поддржува протестите во Хонгконг за да не ја навреди Кина

НБА лигата во понеделникот се извини на Кина за коментарите кои на Твитер ги постави генералниот менаџер на Хјустон рокитс, Дарил Мори со поддршка за протестите во Хонконг.

Поддршката на Мори за демонстрантите во Хонконг беа причина НБА преку соопштение да изрази жалење што „ги навредивме пријателите и фановите во Кина“, додека во кинеската верзија на соопштението се вели дека се „екстремно разочарани од неприфатливите коментари“ на Мори.

Со извинување од Токио се јави и Џејмс Харден, кој се обиде да го дистанцира тимот од контроверзите.

„Се извинуваме. Ја сакаме Кина. Сакаме да играме таму и секогаш се чувствуваме добредојдени“, изјави Харден по егзибицискиот меч во Јапонија.

Оваа внимателност, секако, доаѓа во обидот НБА да не си го наруши статусот во Кина, каде што кошарката е најпопуларен спорт и каде што над 300 милиони луѓе го играат овој спорт. НБА е вклучена во Кина во 1992, кога ја отвори првата канцеларија во Хонгонг, а сега има низа на договори со локалните дигитални ТВ мрежи.

Хјустон, посебно, се популарни во Кина откако тие го драфтуваа Јао Минг како прв избор на драфтот во 2002. НБА-Кина, подружницата на лигата во оваа земја беше формирана во 2008 и според магазинот „Форбс“ има вредност над 4 милијарди долари. НБА тимовите добија 47 милиони нови следбеници на социјалните мрежи во 2018/19.

Scroll to Top