НБА лигата суспендираше дури 11 играчи поради физичката пресметка на натпреварот меѓу Орландо Меџик и Детроит Пистонс. Иако најтешките прекршоци ги направија двајца гостински играчи, Орландо доби суспензија на дури девет играчи, кои казната ќе ја одлежуваат во групи за Меџик да има доволно кошаркари на располагање за натпревари.
Сѐ започна кога центарот на Орландо, Мориц Вагнер грубо го запре контранападот на Пистонс со хокеарски „бодичек“ и го собори Килијан Хејс на подот. Хамиду Дијало притрча и му одговори на Вагнер, а потоа Хејс стана и го удри Германецот во задниот дел од главата. Потоа се случи и општа тепачка.
Ден подоцна НБА објави дека дури 11 играчи се суспендирани. Хејс е казнет со три натпревари, а Дијало со еден меч неиграње. Вагнер, кој најмногу настрада во инцидентот, е суспендиран на два натпревари поради неспортски фаул кој доведе до физичка пресметка.
Останатите осум суспендирани се играчи на Орланно Меџик кои не беа во игра во моментот на инцидентот, туку трчаа од клупата, што е забрането и казниво со суспензија од еден натпревар. Тоа се Кол Ентони, Р.Џ. Хемптон, Гари Харис, Кевон Харис, Адмирал Скофилд, Франц Вагнер, Мо Бамба и Вендел Картер Џуниор. Тие ќе ја отслужуваат суспензијата во групи од по четворица во следните два натпревари, за Орландо да има минимум осум играчи во ростерот.