Top Sport

„Никола Јокиќ игра кошарка како тоа да е ватерполо“

Ѕвездата на Денвер Нагетс, Никола Јокиќ игра кошарка како тоа да е ватерполо, пишува американски „Њујорк Тајмс“.

Влијателниот медиум ја анализира играта на српскиот центар кој утре рано наутро, во 3 часот по полноќ со својот клуб го игра третиот меч од финалето на Западот против Лејкерси.

„Јокиќ прави се во плеј-офот. Шутира, скока, блокира и дели асистенции со една рака преку целиот терен, како да е во базен. Тој е познат по прецизните додавања. Тоа е обележје на ватерполото, спорт кој е многу популарен во неговата Србија“ – пишува „Њујорк Тајмс“.

Весникот додава дека Србинот има „Додавања со една рака, блокади со една рака, водење топка со една рака, има навика и со една рака да ја држи топката над главата, додека со другата се брани од противникот. Би можел и вода да гази додека го прави тоа“.

Директорот за развој на играчи на Нагетси, Огњен Стојаковиќ изјави дека ватерполото е дел од културниот код на Србите, а Јокиќ не се специјализираше за кошарка се додека не стана тинејџер. Тој напоменува дека кошаркарскиот центар се занимавал со многу спортови, а тоа му помогнало да ја развие својата подготвеност.

„Тој е многу добар и во одбојка, треба да видите, во сите спортови со топка е неверојатен“ – смета Стојаковиќ.

Scroll to Top