Top Sport

Ол-стар дресовите во чест на Коби и неговата ќерка

Престојниот Ол-стар викенд во Чикаго (13-16 февруари) целосно ќе им биде посветен на Коби Брајант, неговата ќерка Џијана и останатите седуммина кои загинаа во хеликоптерската несреќа во неделата, во Лос Анџелес.

Играчите кои ќе бидат дел од ол-стар викендот ќе носат специјално дизајнирани дресови. Челниците на НБА лигата, Здружението на НБА играчите и производителот на спортска опрема „Најки“, објавија дека два тима на Ол-стар натпреварот ќе ги носат броевите 2 и 24 во чест на таткото и ќерката Брајант.

Тимот Леброн ќе го носи бројот 2, број што го носеше Џијана Брајант, додека Тимот Јанис ќе го носи бројот 24 со кој Коби ја заврши кариерата во Лос Анџелес Лејекрс.

Покрај тоа на дресовите ќе има девет ѕвезди, во знак на сеќавање на деветмината кои загинаа во несреќата.

Со истиот дизајн на дресовите ќе настапат и играчите на натпреварот наречен „ѕвезди во подем“, односно играчите кои ќе се натпреваруваат во брзо шутирање на тројки и на натпреварот во забивање.

Инаку на 6 февруари ќе се одржи драфтот, односно тогаш капитените Леброн Џејмс и Јанис Адетокумбо од резервите ќе ги изберат своите соиграчи.

Коби Брајант четири пати бил МВП на Ол-стар натпреварот на кој во кариерата настапил 18 пати.

Scroll to Top