И без клучните играчи Спанулис, Принтезис и Рочети, Олимпијакос успеа да стигне до импресивна 72:59 победа против ЦСКА Москва и да го подобри скорот на 10-14 во Евролигата со надеж за пласман во плејофот.
Актуелниот шампион од Евролигата пак, неделата со два меча ја заврши со два порази по домашниот пораз од Ефес, и сега има 16-8 скор. К
Костас Папаниколау имаше 19 поени, 7 скока, 5 украдени топки и беше клучен во одбраната на грчкиот тим, додека Огустин Рубит имаше 13 поени. За ЦСКА, Мајк Џејмс со 20 поени, 7 скока и 5 асистенции беше најдобар пред Даран Хилард со 11 поени.
Ефес пак, предводен од фантастичниот Шејн Ларкин стигна до 96:91 победа над Жалгирис за втор триумф во низа. Ларкин ги постигна сите свои 25 поени во второто полувреме и 19 од нив во последните 11 минути од мечот за Ефес да се врати од девет поени негатива (56:65) на крајот на третата четвртина. Жалгирис со поразот падна на 9-15 скор.