Top Sport

Портланд ја победи Јута, Лилард броеше до 60 – Пул со звукот на сирената им пресуди на Мемфис

Демијан Лилард ја обележа ноќта во НБА лигата. Еден од најдобрите играчи во историјата на Портланд постигна 60 поени во победата над Јута Џез 134:124. Порази во ноќта зад нас забележаа водечките две екипи во Западната конференција, Денвер Нагетс и Мемфис Гризлис.

Лилард имаше феноменална шутерска ноќ, 21/29 од поле, 9/15 за три поени, 9/10 од линијата за слободни фрлања. Тој успеа да додаде седум скока и осум асистенции во статистиката.

Голден стејт со поените на Џордан Пул во последната секунда славеа во дуелот со Мемфис 122:120. Актуелните шампиони се вратија во мечот во последните пет минути со серијата 14:4.

На 90 секунди до крајот останаа без Стеф Кари кој беше исклучен.

Кари со 34 поени ги предводеше Вориорс, кај Мемфис со 29 поени се истакна Џа Морент.

Милвоки Бакс во дербито славеа над Денвер Нагетс со 107:99. Само 24 часа по победата во Њу Орлеанс, која ја донесе Јокиќ, Нагетс гостуваа во Висконсин, оддалечен 1.600 километри.

Затоа тренерот Мајк Мелоун реши да ги одмори своите најдобри играчи, па Јокиќ, Џамал Мареј, Кентавиус Колдвел-Поуп и Мајкл Портер Јуниор го следеа мечот од трибините.

Јанис Адетокумбо го предводеше Милвоки до 31. победа сезонава со 33 поени и 14 скока, Џру Холидеј додаде 20, а Пит Конатон 19 со 12 скока.

Арон Гордон беше најефикасен кај Нагетс со 26 поени и 14 скока, Боунс Хајленд постигна 15, а Брус Браун постигна 12.

Резултати: Орландо – Индијана 126:120, Филаделфија – Бруклин 137:133, Хјустон – Вашингтон 103:108, Милвоки – Денвер 107:99, Њу Орлеанс – Минесота 102:111, Оклахома – Атланта 132:137, Сакраменто – Торонто 95:113, ЛА Лејкерс – Сан Антонио 113:104.

Scroll to Top