На едно коло до крајот на регуларниот дел од НБА сезоната, познати се 7 од осумте парови од плеј офот, кој започнува идната недела.
Денвер Нагетс во Западната конференција ќе се судрат со Јута Џез. Српскиот ас Никола Јокиќ на мегдан против еден од најдобрите дефанзивци на светот, Руди Гобер кој беше првиот заразен НБА кошаркар со коронавирус.
Лос Анџелес Клиперс својот меч од плеј офот ќе го играат против Далас Маверикс. Овој меч се очекува да помине во знакот на 4 суперѕвезди – Лука Дончиќ и Кристапс Порзингис од една, и Каваи Ленард и Пол Џорџ од друга страна.
Хјустон Рокетс ќе играат против Оклахома Сити Тандер. Крис Пол ќе има можност за настап против својот поранешен тим, но сепак, сите очи ќе бидат вперени кон Џејмс Харден.
Единствена непознаница засега е противникот на Лос Анџелес Лејкерс. Екипата која ќе ја заземе осмата позиција на Западот може да е Портланд, Феникс или Мемфис.
Што се однесува на Источната конференција, Милвоки Бакс ќе ги одмери силите против Орландо Меџик. Вниманието ќе биде насочено кон „бикот“ Јанис Адетокумбо кој е потенцијален МВП на лигата.
Актуелниот НБА шампион, Торонто Репторс во првото коло од плеј офот ќе се судри со Бруклин Нетс. Очекувањата се Торонто да излезе како победник најмногу заради тоа што кај Нетси ќе недостасуваат Ирвинг, Дурент, Џордан, Принс и Динвиди.
Бостон Селтикс врзаа 4 победи и со таква серија ќе ја пречекаат Филаделфија. Овој дуел се очекува да е многу интересен. Двата тима сезонава одиграа 4 меча, а во три од нив славеше Филаделфија.
Фаворитот од сенка според многумина, Мајами Хит во првото коло силите ќе ги одмери со Индијана Пејсерс. Овој дуел се чини ќе е најинтересниот на Истокот ако се погледне квалитетот на двата тима.