Top Sport

Пред шталата во Сомбор Јокиќ го доби трофејот МВП

Никола Јокиќ втора година по ред е најдобар играч во регуларниот дел од НБА сезоната. Големо изненадување на српскиот ас му приредија луѓето од Денвер Нагетс предводени од тренерот Мајк Мелоун, генералниот директор Келвин Бот и сопственикот Стен Кроенка.

Луѓето од Денвер го чекале Јокиќ пред неговата семејна куќа, признанието му го врачиле покрај шталата каде Јокиќ донел еден од своите коњи. Српскиот ас бил тргнат од овој гест и веднаш се расплакал.

„Искрено беше тешко да се поверува дека воопшто ќе станам кошаркар, а не дека ќе играм во НБА лигата и ќе бидам двоен МВП. Сега не размислувам за награди, но еден ден кога ќе бидам стар, дебел и намќор, веројатно ќе им раскажувам на моите деца дека порано добро играв кошарка. Сите знаат дека сум истата личност, се надевам дека ова нема да ме смени во иднина“, изјави Јокиќ во интервју за ТНТ.

Секако, трофејот беше доделен заедно со неизбежните тамбураши, а покрај Мелоун и останатите членови на стручниот тим на Денвер, тука беше и менаџерот на Јокиќ, Мишко Ражнатовиќ, како и членовите на неговото семејство.

„Ова е веројатно прв и последен пат МВП-трофејот да биде доделен пред шталата во Србија“, рекол Јокиќ. .

Моментот бил толку емотивен што и тренерот Мајк Мелоун заплакал.

„Беше навистина одлично. Сите бевме допрени. На едно место беа луѓето кои многу му значат на Никола. Неговата сопруга, ќерка, родители, ние од Денвер. Очигледно беше колку е изненаден, а во исто време и колку е скромен и покрај сето она што го постигна. Тој апсолутно го заслужи ова“, изјави Мелоун.

Scroll to Top