МЗТ Скопје има големи шанси наредната сезона сепак да биде дел од најсилната конкуренција во регионалната АБА лига. Сезоната во регионот не заврши, а на состанокот клубовите решија да нема испаѓање од АБА лигата, односно таа во сезоната 2020/2021 ќе биде проширена со двете најдобри екипи од АБА 2 лигата, Борац и Сплит.
МЗТ за „влакно“ остана без пласма на едно од првите две места во АБА 2, најмногу по своја вина бидејќи забележа порази на последните две средби пред да биде суспендирана сезоната поради коронавирусот.
Надежта дека МЗТ ќе може да се врати во елитата каде последен пат играше во сезоната 2017/2018 се вика Приморска.
Екипата од Словенија која беше хит во АБА лигата се соочува со сериозни финансиски проблеми кои започнаа пред неколку месеци кога главниот спонзор го напушти клубот.
Приморска ја напуштија најдобрите играчи и тренерот, а веројатно поради финансиите нема да биде учесник во АБА лигата.