Македонскиот кошаркарски стратег Емил Рајковиќ се надева дека ќе има можност да ја води ЦСКА Москва во Евролига. Во изјава за руските медиуми тој вели дека бил свесен дека клубот сезонава нема право на настап во елитното натпреварување, но дека немал дилеми дали треба да ја прифати понудата.
„Се надевам дека ќе останам доволно долго за да бидам тука за враќањето во Евролига. Знаев каква е ситуацијата, но ЦСКА е ЦСКА, не се двомумев. Малку е претерано тврдењето дека сме се договориле за 15 минути, но преговрите навистина воопшто не траеа долго“ – вели Рајковиќ.
Емил Рајковиќ потпиша договор со ЦСКА на две години. Минатата сезона македонскиот стручњак го водеше Автодор Саратов, но клубот го напушти во март 2022. Рајковиќ работеше и со Астана и во сезоната 2018/2019 го предводеше тимот од Нур-Султан во плеј-офот од ВТБ-лигата.