Александар Ѓорѓевиќ на клупата на српската кошаркарска ќе го наследи неговиот поранешен соиграч, Саша Обрадовиќ, а не Игор Кокошков, пишува во понеделникот „Спортски Журнал“.
Србија на СП го освои петтото место, иако пред почетокот на шампионатот аналитичарите тимот на Ѓорѓевиќ го „видоа“ во финалето. По мечот со Чешка, Ѓорѓевиќ потврдил дека ја напушта репрезентацијата и дека неуспехот не го условил заминувањето.
„Одлуката да не го продолжам договорот ја донесов уште пред почетокот на СП“, рекол Ѓорѓевиќ во Кина.
Веднаш потоа се појавија шпекулации дека европскиот првак со Словенија, Игор Кокошков, ќе биде новиот селектор.
Сепак „Спортски Журнал тврди дека Кокошков не може да биде селектор бидејќи не може да усогласи клупските и репрезентативните обврски. Кокошков од оваа сезона ќе биде помошник тренер во стручниот штаб на Сакраменто Кингс.
Квалификациите за Европското првенство ќе започнат во февруари 2021 година и се верува дека Кокошков не би добил дозвола од клубот да отсуствува поради обврските во репрезентацијата.
Од друга страна Обрадовиќ без поголем проблем би можел да ги спои обврските во клубот и репрезентацијата. Обрадовиќ оваа сезона ќе работи во Монако.
Обрадовиќ е дел од генерацијата која на теренот ја предводеше Ѓорѓевиќ и кој во кариерата има три европски и едно светско злато, односно олимписко сребро.