Top Sport

Селтикс им одржаа лекција на Вориорс, Харден ги реши Репторс (Видео)

Кошаркарите на Бостон Селтикс ги декласираа шампионите од Оукленд, Голден стејт Вориорс 128:95, во дербито на вечерта, во НБА лигата.

Селтикс, во „Оракл арена“ во Оукленд, го одиграа најдобриот меч оваа сезона. Беа беспрекорни во одбраната, а во нападот имаа неколку расположени играчи.

Тимот на Бред Стивенс ја забележа втората победа на последните осум натпревари, победа која може да значи пресврт за Селтикс во финишот од сезоната и пред почетокот на плејофот.

Гордон Хејворд, влегувајќи од клупата, успеа да постигне 30 поени за 28 минути игра. Него го следеа Кајри Ирвинг со 19 поени и 11 асистенции, односно Џејлен Браун со 18 и Џејсон Тејтум со 17 поени.

Кај Вориорс најефикасни беа Стеф Кари со 23 и Кевин Дурент со 18 поени. Дурент погоди само пет од 16 обиди од поле.

Џејмс Харден и Хјустон Рокетс успешно го минаа гостувањето во Торонто кај Репторс. Хјустон победија 107:97, иако во третиот период испуштија предност од 18 поени. Во последниот период Харден постигна 19 поени и му овозможи победа на својот тим.

Харден мечот го заврши со 35 поени, Џералд Грин постигна 18, а Ерик Гордон 13 поени. Кај Торонто се истакна Каваи Ленард со 27 поени.

Минесота Тимбервулвс пред своите навивачи ги поразија Оклахома Тандер со 131:120. Минесота ја предводеше Карл-Ентони Таунс со 41 поен и 14 скока, три поени помалку на спротивната страна постигна Расел Вестбрук.

Резултати:

Индијана Пејсерс-Чикаго Булс 105:96
Филалделфија ’76-Орландо Меџик 114:106
Мемфис Гризлис-Портланд Трејлблејзерс 120:111

Scroll to Top