Top Sport

Селтикс на победа од големото финале (Видео)

Кошаркарите на Бостон Селтикс ги совладаа Кливленд Кавалирс со 96:83, во петтиот меч од финалето во Источната конференција во НБА лигата и сега водат во серијата со 3-2.

Тренерот на Селтикс, Бред Стивенс, уште еднаш го најде вистинскиот рецепт за Кливленд, а неговите играчи тоа го спроведоа и го одбранија домашниот терен. Серијата започна со две победи на Бостон, а потоа со иста мерка возврати Кливленд како домаќин.

Најголемиот дел од работата Селтикс ја завршија во првата четвртина кога стигнаа до предност од 13 поени (32:19).

Мал инцидент се случи во вториот период кога вербалниот дуел на Лери Ненс јуниор (Кливленд) и Џејлен Браун (Бостон) за малку ќе се претвореше во поголем инцидент. Судиите страстите ги смирија со доделување на неколку технички грешки.

До крајот натпреварот беше мирен, а Селтикс благодарени на добриот шут за три поени, лесно ја одржуваа разликата.

Џејсон Тејтун (24 поени, 7 скока, 4 асистенции, 4 украдени топки, 2 блокади) ги предводеше Селтикс до третата победа во финалната серија. Ал Хорфорд оствари „дабл-дабл“ од 15 поени и 12 скока, Џејлен Браун уфрли 17, а Маркус Смарт и Маркус Морис постигнаа по 13 поени.

Кај Кливленд само двајца играчи постигнаа двоцифрен број на поени: Леброн Џејмс (26 поени, 10 скока, 5 асистенции) и Кевин Лав (14 поени, 7 скока).

Шестиот натпревар од серијата на програмата е сабота од 2:30 часот, по средно-европско време. Домаќин ќе биде Кливленд.

Scroll to Top