Документарниот филм за Мајкл Џордан и славната генерација на Чикаго булс, „Последниот танц“ заврши и иако најавите беа дека ќе се види „друг лик“ на ѕвездата Џордан, најбесни на крајот беа неговите поранешни соиграчи, вклучувајќи го и Скоти Пипен, тврди „ЕСПН“.
Според изворите на Дејвид Каплан од „ЕСПН“, Пипен е „повеќе од бесен“ од начинот на кој е претставен во документарниот филм.
„Тој е толку лут на Мајкл и начинот на кој е претставен, наречен себичен, и фуриозен е поради тоа што не сфатил во каков документарец ќе учествува“, вели Каплан.
Џордан го нарече Пипен себичен во втората епизода од серијата за одлуката да оди на операција на почетокот на сезоната 1997/98, одлука за која самиот Пипен призна дека била со цел да се сочува неговата „вредност“ пред летото 1998 и слабиот договор кој го потпишал во 1991 година.
„Тој смета дека до последните минути од мечот број 6 против Јута џез се фокусираше на напади на Скоти“, вели Каплан.
Во документарната серија има уште неколку „лоши“ приказни за Пипен, како одлуката да не влезе во мечот 3 од дуелот на Булси со Њујорк никс во последните 1.8 секунди од мечот, бидејќи Тони Кукоч ја добил шансата да го упати последниот удар. Исто така се споменува мигрената која ја имал во мечот 7 од финалето на Истокот против Детроит. Во документарниот филм самиот Џордан признава дека Пипен е неговиот најдобар соиграч, но се фокусира на многу од неговите најлоши моменти.
Пипен не е единствениот кој смета дека е прикажан во негативно светло, откако неодамна Хорас Грент изјави дека поголемиот дел од филмот е „лага“. Друг негов поранешен соиграч. Крег Хоџис исто така посочи дека се работи за „чиста фикција“.