Познатиот италијански стручњак Еторе Месина, кој од клупата го предводи евролигашот Олимпија од Милано, смета дека Евролигата добила на неизвесност поради суспензијата на руските клубови.
„Она што се издвојува е фактот дека во претходните години секогаш можеше да сметаш на победа кога играш дома, а сега не е така. Причината е затоа што нема тимови од Русија. Играчите кои беа во тие клубови сега го засилија останатиот дел од лигата, а тие се многу искусни и никогаш не ги фаќа паника. Затоа гледаме повеќе победи на гостите“, изјави Месина, кој пофали за судиите во најсилното европско клупско натпреварување.
„Позитивно сум изненаден од судењето. Без разлика дали судиите се во сала во која има 20.000 луѓе, тие го судат она што го гледаат. Веројатно тоа е менталитетот што го пренесоа од претходните сезони кога немаше навивачи поради пандемијата”, изјави Италијанецот.
По одлуката на Евролигата да ги пушти своите играчи во репрезентативните „прозорци“, се создаде подобар однос меѓу ФИБА и Евролигата, што е многу добра вест за сите љубители на кошарката, а ни искусниот тренер не го крие задоволството од ваквата одлука.
„Тоа е многу позитивна работа, се надевам дека е почеток на добра комуникација меѓу двете страни. Гест кој може да биде многу позначаен во иднина и да отвори многу врати“, смета Месина.