Кошаркарите на Мемфис Гризлис, Герет Темпл и Омри Каспи, физички се пресметале во соблекувалната по поразот од Детроит Пистонс 94:101.
ЕСПН, повикувајќи се на свои извори, инцидентот го опишал како тепачка на „жешки глави“. Поразот од Пистонс е трет во низа за кошаркарите на Мемфис.
Темпл на овој натпревар забележел седум поени, три асистенции, две украдени топки и по еден скок и блокада, додека Израелецот Каспи во статистиката за пет минути игра запишал само еден скок.
По мечот играчите имале долг состанок, а тренерот Џеј Би Бикерстаф 30 минути доцнел на прес конференцијата.
Потоа минало уште повеќе време додека на медиумите им бил дозволен влез во соблекувалната, а кога влегле таму биле само двајцата најдобри играчи на Гризлис, Марк Гасол и Мајк Конли.
Гризлис по добриот старт на сезоната влегоа во лоша серија и имаат само три победи на последните 13 натпревари. Со скор од 18 победи и 19 порази Мемфис се наоѓаат на десеттото место во Западната конференција.