Црвена звезда ги разгневи навивачите на Жалгирис, пред почетокот на вчерашниот натпревар во кошаркарската Евролига.
Кошаркарите на српскиот и регионалниот шампион, одбија да го држат транспарентот во боите на украинското знаме, на кој беше испишана порака: „Запрете ја војната“.
Публиката најпрвин се огласи со жестоки свирежи, а потоа ги провоцираа кошаркарите на Црвена звезда со знамиња на НАТО и повицте: „Е..те се Срби“.
Играчиот на белградскиот тим, Лука Митровиќ, ја сподели објавата на еден литвански новинар и ги запраша кошаркарските портали зошто не известиле за провокациите од страна на домашните навивачи, а објавиле дека играчите не сакале да го држат транспарентот.
На социјалните мрежи се огласи и уште еден играч на Црвена звезда, Ерон Вајт.
„Ни беше кажано да не го допираме транспарентот. Сакам на сите да им биде јасно дека не ја поддржувам војната, сакам мир во нашиот свет“, напишал Американецот на „Твитер“.
Слична порака, веднаш по натпреварот испрати и тренерот, Дејан Радоњиќ. Неговиот колега Јуре Здовц, смета дека тоа што се случило на почетокот на натпреварот сигурно не била одлука на клубот.
„Не треба јас да го коментирам ова. Ова е сепак само спорт. Секој има право на свое мислење. Сепак не верувам дека тоа е нивно лично мислење. Од врвот доаѓа наредбата што треба да се направи“.