Владо Илиевски не е човек кој се откажува на првата пречка. Легендата на македонската кошарка, ден по одржувањето на вонредното собрание на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) на која спротивно на очекувањата на претседателот Петар Наумоски не му беше изгласана недоверба, потврди дека нема лесно да се предаде и повторни дека неделното Собрание било „нелегитимно и незаконско“.
На вонредното Собрание, оној чија смена се бараше (Наумоски), доби 16 гласа, а неговиот противкандидат, стрелецот на најпознатиот кош во историјата на македонската кошарка, Владо Илиевски доби 14 гласа.
Илевски со својот правен тим ја оспори постапката, актите и одлуките кои беа донесени во неделата (11 февруари) на вонредното собрание на МКФ. Тимот на Илиевски забележал низа на недостатоци, процесни повреди на постапката за свикување и водење на Собранието, а не биел ниту почитувани одредби од Деловникот за работа на Собранието, статутот на МКФ, законот за Здруженија и фондации и законот за Спорт.
Она што најмногу го разочара Илиевски, покрај сите изложени неправилности и нерегуларности е вметнувањето под точката разно, а потоа и гласањето по предлогот да се забрани во наредните 2 години да биде свикувано вонредно Собрание на кое ќе се гласа за (не)доверба на претседателот на МКФ.
„Ваквото ограничување на правата на Собранието како највисок орган на МКФ, како прво е незаконито и ништовно, а како второ евентуалната правна дозволеност на носење на таква одлука потпаѓа под измена на Статутот на МКФ, кое нешто не се предлага под точка разно и за кое нешто Собранието треба да одлучи со двотретинско мнозинство на гласови од присутните членки со право на глас“, пишува во својот приговор до надлежните институции адвокатскиот тим на Илиевски.
Од друга страна човекот чија смена се бараше на вонредното Собрание не гледа ништо спорно што апсолутната власт која ја поседува си ја зацврсти и во наредните 2 години.
„Медиумите погрешно ја гледаат работата на Федерацијата односно работата на претседателот. Со тоа влијанието на самото раководство се гледа погрешно. Влијание на Федерацијата за успесите кај сениорите и младинците го нема. Не сме во никаква допирна точка тоа да го постигнеме. Правиме напори, но се доаѓа од клубовите. Тие ни даваат „готов производ“, а ние му даваме можност да се натпреварува со другите од Европа. Во изминатите две години ние повеќе се занимаваме со избори отколку со кошарка. Со тоа се руши имиџот на самата федерација. Затоа беше предложена точка на дневниот ред, која се изгласа, за да раководството биде ослободено две години од вакви сценарија“, рече Наумоски во своето обраќање вчера по завршувањето на Собранието.