Top Sport

Вундеркиндот Дончиќ не одлучил дали ќе оди во НБА

Најголемиот европски кошаркарски талент, Лука Дончиќ не е сигурен дали ќе се пресели во НБА лигата во текот на летото, признава самиот 19-годишен Словенец.

Дончиќ беше клучен играч во импресивната титула на Словенија на Европското првенство минатата недела, а сега со Реал Мадрид оди на рекордна 10-та титула во Евролигата.

„Не знам дали ова ќе бидат моите последни два меча во Европа. Уште размислувам за опциите и ќе ја направам одлуката на крајот на сезоната“, изјави Дончиќ на прес на Калемегдан во Белград.

Реал игра со ЦСКА Москва во утрешното полуфинале од Евролигата, а во вториот меч актуелниот шампион Фенербахче игра со литванскиот Жалгирис од Каунас. Дончиќ, според сите очекувања ќе биде меѓу првите пикови на драфтот во Њујорк на 21 јуни.

Дончиќ очекува да има поддршка од фановите во Белград, велејќи дека е голем навивач на Црвена звезда и дека кога бил помал честопати бил на натпревари на белградскиот клуб.

„Очекувам фановите да ме поддржат, бидејќи сум навивач на Црвена звезда, а го сакам овој град. Секогаш е посебно да се биде тука. Одиме на титула, тоа е јасно“, вели лидерот на „Лос бланкос“.

И тренерот на Фенербахче, Жељко Обрадовиќ очекува поддршка, бркајќи рекордна 10. титула со петти различен клуб.

„Атмосферата ќе биде одлична. Многу фанови на Фенербахче ќе дојдат од Турција и се надевам дека локалните белградски фанови ќе навиваат за тие кои им се поблиску до срцето“, вели Обрадовиќ.

Фото: ЕПА

Scroll to Top