Предлогот на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) за намалување на бројот на странски кошаркари доби поддршка од Здружението на македонските кошаркари.
„Сметаме дека раководството на Федерацијата презема еден важен чекор за подобрување на статусот на домашните кошаркари, како и на македонската кошарка во целост. Сакаме да го поздравиме ваквиот потег, но и да потсетиме дека остануваат и други чекори кои според нас се неопходни за подигнување на квалитетот на сениорските лиги и подобрување на условите за тренинг и натпревари. Се надеваме дека ваквите промени ќе ги поттикнат прволигашите да почнат посериозно да инвестираат во младите играчи, и ќе превземаат низа мерки како би го олесниле процесот на нивно усовршување и спортски напредок”, стои во соопштението на Здружението на македонските кошаркари.
МКФ, вчера, излезе со предлогот за намалување на бројот на странски кошаркари во клубовите, од шест на четири.
„За сезоната 2018/2019 бројот на странци се намалува на 4 со задолжителен број на тројца Македонци во игра до Супер Лига и двајца во понатамошниот тек на првенството (Супер лига и плејоф и плејаут). За сезоната 2019/2020 4 странци во екипа и тројца Македонци во игра до полуфиналната серија од Плејофот. Од наредната сезона 2020/2021 4 странци со тројца Македонци во игра во текот на целото првенство“, објави МКФ.