Црвена звезда одигра подобар натпревар и со 68:56 (20:13, 12:11, 17:15, 19:17) го победи Партизан за да израмни на 2:2 во финалната серија во АБА-лигата и да обезбеди „мајсторка“ за титулата.
Партизан победи во првите два меча во својата „Штарк арена“, по што Звезда врати со две домашни победи. Овојпат во „Пионир“ поради скандалозните случувања на третиот меч имаше ограничен број на публика, но и тоа беше доволно Звезда да ја искористи предноста и да осигура петти меч.
Звезда, предводена од Факундо Кампацо одигра подобро прво полувреме, посебно во одбраната по кое имаше 32:24 предност, која беше зголемена и во третата четвртина. Но, Партизан успеа да остане во едноцифрена негатива во послените минути од мечот, за на крајот да мора да признае пораз.
Кампацо го заврши мечот со 21 поен, а Огњен Добриќ додаде 14 за Звезда, додека кај Партизан, Данте Ексам остана на само 12 поени.