Во екот на коронавирусот во Европа и во светот, исплива информација од Велика Британија дека наводно се подготвува фронт против лидерот на табелата во Премиерлигата, Ливерпул.
На последното заседание на челниците на клубовите во Премиерлигата било договорено сезоната да продолжи во моментот кога за тоа ќе има услови. Се верува дека тоа ќе биде можно кон крајот на идниот месец, па макар и без публика на стадионите.
Сепак, како што пандемијата на коронавирусот зема се поголем замав, тој план изгледа невозможно. За тоа се свесни и во Англија, па подготвуваат резервен план.
Порталот „British athletic“ пишува дека има се повеќе заговорници меѓу претседателите на клубовите кои сметаат дека сезоната треба да се поништи.
Тоа би значело дека Ливерпул би останал без титулата која му е на дофат, до која го делат само 2 победи за математички да го освои пехарот кој го чека цели 30 години.
По 29 одиграни кола, четата на Јирген Клоп има 25 бода повеќе од второпласираниот Манчестер Сити.
Информациите се дека доколку 14 од 20 клуба (три четвртини од клубовите) дигнат рака за сезоната да биде поништена, „црвените“ ќе останат со „празни раце“. Ваквата идеја се покрена уште додека пандемијата немаше земено големи размери во Англија, а ја покренаа од Вест Хем.
Следниот состанок на челниците на клубовите, преку конференциска врска, е закажан за 3 април, а неименуван извор од еден од клубовите за „British athletic“ истакнал што всушност се подготвува.
„Ова е планетарна пандемија. Затоа првенството ќе мора да почне од почеток и знам дека поради тоа ќе имаме по некој губиток. Ливерпул ќе биде најголемиот губитник. Но ако ја погледнете широката слика, тоа и не е толку важно. Ситуацијата со вирусот во Британија ќе стане многу полоша, играчите нема да можат да тренираат, а не пак да играат“ – објаснил неименуваниот извор.