Лондонски Арсенал, по примерот на конкурентите за највисок пласман во Премиерлигата (Тотенхем, Манчестер Сити и Ливерпул), успеа да ги однесе бодовите од гостувањето кај Њукасл. „Топчиите“ славеа минимално со 0-1 со голот на Обамејанг во 58 минута.
Тренерот на лондонската екипа немаше на располагање речиси половина од тимот, но сепак успеа да го искомбинира составот и да ги однесе бодовите на ова тврдо гостување.
Кај Арсенал свое деби имаа Шпанецот, Дани Себалјос и Французинот Николас Пепе, а Бразилецот Давид Луиз немаше можност да дебитира во „црвениот“ дрес откако во четвртокот од Челси направи трансфер во Арсенал.
Во истиот попладневен неделен термин, реми без голови одиграа Лестер и екипата на Вулверхемптон.
Во 17.30 часот започнува и последната премиерлигашка пресметка од првото коло, дербито на „Олд Трафорд“ меѓу Јунајтед и Челси.