Екс-фудбалерот на Баерн Минхен и на германската фудбалска репрезентација, Михаел Балак смета дека португалскиот стратег, Жозе Мурињо би бил идеално решение за тренерската позиција во Баерн Минхен.
По очајниот старт на сезонава во Бундеслигата, Хрватот Нико Ковач успеа да ја консолидира екипата и да ја доведе до водечката позиција на табелата со бод повеќе од Борусија Дортмунд.
Откако ги загубија шансите за прогрес во Лигата на шампиони, јасно е дека Ковач може да си ја зачува позицијата исклучиво доколку стане шампион на Германија со Баерн.
Сепак Балак смета дека Мурињо би требало да седне на клупата на Баварците.
„Моментно Нико Ковач е на местото тренер и тоа мора да се почитува. Добро ја работи својата работа, но во иднина со доведувањето на Мурињо би се донел гламур во Баерн, но и во целата Бундеслига. Со реномето на Португалецот на клубот би му било полесно да ангажира некои од најголемите ѕвезди на европскиот фудбал. Моментно Бундеслигата нема асови како во Премиерлигата“ – смета 42-годишниот екс-фидбалер кој играше во Челси кога Мурињо беше кормилар на тимот.
Балак како позитивен пример го посочи ангажирањето на Пеп Гвардиола, но и Трапатони, Ван Гал и Анчелоти, кои своевремено беа тренери во минхенски Баерн.
„Додека соработувавме во Челси често разговаравме за Баерн. Мурињо многу го почитува клубот“ изјави Балак за „Билд“.