Повредата на препоните поради која велшкиот репрезентативец во дресот на Реал Мадрид, Герет Бејл ќе го пропушти денешниот меч против Еспањол во Ла лига е јубилеен – 25-ти од доаѓањето во Кралскиот клуб во 2013 година.
Така крилниот напаѓач го сруши сопствениот рекорд од Тотенхем каде за 6 години се повреди вкупно 24 пати, пишува „АС“ повикувајќи се на „Injury League“, веб страници посветена за повреди на фудбалери.
Дури 10 од 25-те повреди во Реал се поврзани со листот (мускулот) на левата нога на Бејл, што почна толку многу да го излудува, па Велшанецот престана да го вози своето „ламборџини“ затоа што се сомнева дека положбата при возењето придонесува за повредите.
Тој дел од телото опсесивно го истегнува пред натпреварите, на полувремето, па дури и по завршетокот на мечот.
Во Реал Мадрид, поради разни повреди Бејл пропушти 90 натпревари. Слично беше и во Тотенхем, Таму од можни 323 натпревари за 6 сезони, одигра само 203.
Најтешка сезона за него беше 2007/2008. Поради повредата одигра само 12 меча.