Францускиот фудбалер, кој настапува во дресот на мадриски Реал, Карим Бензема (31) игра во животна форма. Од заминувањето на Кристијано Роналдо од „Бернабеу“, тој на 68 меча постигна фантастични 41 гол.
И покрај сето тоа, нема за него повик од фудбалската селекција на Франција. Селекторот на „галските петли“, Дидие Дешамп не го повикува во националниот состав поради скандалот од 2015 година.
Бензема е обвинет дека се обидел да го уцени екс-репрезентативниот колега Матје Валбуена со наводна секс снимка.
Поради тоа, Бензема заработи суспензија и исфрлање од репрезентацијата, иако ништо не му беше докажано. Поради тоа тој го пропушти ЕУРО 2016, а го немаше и на Мундијалот во Русија каде токму Франција го освои златото.
Поради тоа, преку медиумите се судрија тренерот на Реал, Французинот Зинедин Зидан и селекторот на „триколорите“, Дешамп.
„Отсекогаш сакал да игра за репрезентацијата, не знам што точно се случува, но по мене, тој е најдобар за репрезентацијата во фудбалска смисла и би имал место во мојот состав. Немам проблем тоа да го кажам гласно“ – изјавил Зидан.
Кратко реплицирал Дешамп.
„Негова работа е така да збори, а тоа е нечесно“ – рече селекторот.
Бензема и понатаму смета дека му е нанесена неправда.
„До денес не сум прогласен за виновен поради она што се случи со Валбуена. Мислам дека ја отслужив својата казна. Барам објаснување од селекторот дали е ова спортска работа или не“ – рече Бензема пред 2 години.
Во анкета за реномираниот француски весник Л`кип“ дури 73 отсто од читателите се изјасниле дека сакаат Бензема повторно да го видат во францускиот дрес, посебно затоа што напаѓачите на „триколорите“ се во лоша форма.