Top Sport

Борба за првиот европски трофеј сезонава, Олимпик против Атлетико

Олимпик Марсеј и Атлетико Мадрид вечерва ќе се бора за трофејот во Лига Европа. Домаќин на финалето е Лион, а финалниот меч ќе започне во 20:45 часот.

Шпанскиот претставник, во Лига Европа влезе откако не успеа да ја мине групата во Лигата на шампионите. Ова за Атлетико ќе биде трето финале во Лига Европа од 2010 година, во претходните две „јорганџиите“ го освојуваа пехарот, против Фулам во 2010 и Атлетик Билбао 2012 година.

Од 2010 година наваму Атлетико покрај двете финалиња во Лига Европа играше и две финалиња во Лигата на шампионите.

foto: epa

Во тимот на Атлетико повредени се Хозе Хименес и Витоло, а тренерот Диего Симеоне, поради суспензија финалето ќе го следи од трибините.

„Се е подготвено за финалето. Марсеј низ сезоната напредуваше, нивниот тренер знае да искористи многу опции во тимот. Многу се опсани, особено на средината од теренот и нападот. Ќе биде ова тежок меч“, рекол тренерот на Атлетико, кој како најопасен играч во противничкиот тим го посочил Димитри Паје.

Францускиот репрезентативец влече повреда, но рекол дека нема да го пропушти финалето.

foto: epa

„Имаме мали шанси да забележиме победа, но бидите сигурни дека ќе дадеме се од себе за да победиме. За нас е голема работа што играме против Атлетико. Тоа е клуб што играше две финалиња во Лигата на шампионите во последните четири години, а во блиското минато ја освои и Лига Европа. Но, финалето во Франција е фантастична можност. Ниту еден француски тим не го освоил овој трофеј, би бил исклучителен успех доколку ние први го сториме тоа“, рекол тренерот на Марсеј, Руди Гарсија.

Олимпик Марсеј во својата историја има освоено два европски трофеи (Куп на шампионите 1993 и Интертото куп 2005), а три пат бил поразен во мечевите за трофеј (1991 во Купот на шампионите од Црвена ѕвезда, 1999 во Купот на УЕФА од Парма и 2004 година од Валенсија во Купто на УЕФА).

Олимпик и Атлетико низ историјата одиграле два меча, во 2008 година во фазата по групи во Лигата на шампионите. Мечот во Марсеј заврши без голови, а во Мадрид Атлетико победи 2:1.

Влогот во финалниот меч е поголем за Марсеј, бидејќи со евентуален триумф ќе обезбеди пласман во фазата по групи во Лигата на шампионите, бидејќи тоа не успеа да го направи во натпреварите од домашното првенство.

Атлетико, од друга страна, низ Ла Лига го обезбеди настапот во Лигата на шампионите, во наредната сезона.

Натпреварот во Лион ќе започне во 20:45 часот, а ќе го суди Холанѓанецот Бјорн Кујперс.

Scroll to Top