Италијански „Тутоспорт“ и португалски „О’жого“ денеска излегоа со информација дека еден од најголемите фудбалски голмани на денешницата, Италијанецот Џанлуиџи Буфон својата кариера ќе ја продолжи во тимот на Порто.
Буфон по само една сезона помината во Париз, во тимот на ПСЖ реши дека треба да ја смени средината, но не планира да се пензионира од фудбалот, иако има 41 година.
Шпекулациите одат од тоа дека трофејниот голман во новата сезона би можело да биде на голот на Парма, Лацио, Џенова, Аталанта, Лион, Фенербахче, но последната информација е дека тој најверојатно кариерата ќе ја продолжи во Португалија.
Шпанскиот голман, Икер Касилјас поради проблемите со срцето најверојатно ќе ја заврши кариерата, па „Змејовите“ сметаат дека Италијанецот би бил негова одлична замена.
Буфон во текот на својата кариера често беше на мегдан со Касилјас, а за него зборуваше само во суперлативи.