Потешко од очекувањата, Милан победи во Фиренца кај Фиорентина со 1-0 и си ги задржа шансите за пласман на четвртата позиција која води во Лигата на шампионите.
Избраниците на тренерот Џенаро Гатузо успеаја да освојат три бода пред се благодарение на Хакан Чалханоглу кој го постигна единствениот гол на мечот.
Турскиот фудбалер прецизно биеше со глава во 35. минута од мечот, по нафрлувањето на Сусо.
Со новиот пораз „виолетовите“ заокружија една црна серија во која немаат победа на вкупно 12 лигашки мечеви.
Со оваа победа Милан е моментно на петтата позиција на табелата во Серија А со 62 бода, еден помалку од Интер кој има 63, но и натпревар помалку. На третата позиција се закотви најголемото изненадување сезонава Аталанта со 65 бода.