Во натпревар со дури 6 погодоци, предмалку на „Џузепе Меаца“ во Милано, Интер ремизираше 3-3 со екипата на Сасуоло во рамки на 27 коло од Серија А.
Во вечерашниов меч потфрли одбраната на „нероазурите“, пулените на Антонио Конте дозволија противничките играчи дури трипати да го загрозат Самир Хандановиќ.
Интер уште од четвртата минута беше во негатива. Капуто погоди за 0-1.
Сепак, играчите на Интер успеаја да направат целосен пресврт уште во првиот дел. Најпрво Лукаку од белата точка во 41 минута донесе егал ситуација, а во последните моменти од полувремето пресвртот беше дело на Бираги – 2-1.
Во второто полувреме триесетина минути поминаа без поголеми возбудувања, но затоа завшните моменти од мечот донесоа ревија од голови.
Се играше 81 минута кога Јанг играше недозволено во својот шеснаесетник, па Берарди погоди од пенал за 2-2.
Интер брзо го врати водството, Валеро погоди за 3-2, но тоа не беше се на мечот. Последниот удар беше дело на Магнани во 89 минута за конечни 3-3.
Со овој кикс Интер се повеќе заостанува за ривалите Лацио и Јувентус. Римскиот тим е на +4 и меч повеќе до крајот, додека Јуве во моментов има 8 бода повеќе од Интер.