Top Sport

Челси го симна Сити и го качи Ливерпул на тронот во Премиерлигата (видео)

Крајно драматичен меч одиграа вечерва Челси и Манчестер Сити за затворање на 31-то коло во Премиерлигата.

„Сините“ во Лондон со 2-1 го совладаа актуелниот шампион во Премиерлигата и на тој начин, на 7 кола до крајот го крунисаа Ливерпул како шампион на сезоната 2019/2020.

Челси дојде во водство во првото полувреме, во 36 минута. По една катастрофална грешка на „граѓаните“, Пулишиќ претрча 60 метри и успеа да го матира голманот Едерсон.

Во вториот дел, Манчестер Сити заигра многу подобро, за разлика од првиот дел. Изедначување 1-1 носи Кевин де Брујне со одличен погодок од слободен удар во 55 минута.

„Граѓаните“ имаа уште неколку пригоди резултатот да го свртат во своја корист, но безуспешно.
Сепак, Челси е тимот кој ги имаше шансите на мечот, од 60-та, до 77-ма минута.

По едно лошо исфрлување на Едерсон, Маунт во 62 минута имаше круцијална шанса за водство, биеше покрај голот.
Одлична можност за 2-1 имаше и Пулишиќ, во 71 минута. Го помина и голманот, пласираше во празната мрежа, но Вокер ја извади топката на само неколку милиметри од гол линијата.

Сепак, немаше одбрана во 77 минута.

Абрахам се најде на неколку метри пред голот, шутираше, а Фернандињо играше со рака на гол линијата. По консултација со ВАР, судијата покажа на белата точка, а натпреварот за Фернандињо заврши. Сигурен реализатор за 2-1 беше Вилијан.

Навивачите на Ливерпул покрај малите екрани започнаа да ја слават новата титула на „црвените“, прва по цели 30 години, на 7 кола пред крајот затоа што нивните миленици имаат предност од 23 бода на табелата.

Scroll to Top