Бразилскиот фудбалер Даглас Коста и донесе триумф на „Старата дама“ во Москва, кај Локомотив со голот постигнат во 93 минута. Јувентус го совлада домашниот тим со 2-1 и освои три значајни бода со кои се искачи на врвот на табелата во групата Д во Лигата на шампиони.
Резултатот на мечот кој започна во 18.55 часот го отвори Рамзи уште во 4 минута, со гол од непосредна близина по грешката на голманот на московскиот клуб Гилерме. Кристијано Роналдо биеше од слободен удар кон противничкиот гол, топката лизна од рацете на голманот, па на самата гол линија реагираше Рамзи за 0-1. Со овој потег, Велшанецот му ја скрати можноста на Роналдо да се израдува на првиот постигнат гол од слободен удар во дресот на Јуве.
Водството на гостите од Торино траеше само 8 минута. Во 12 минута од мечот домашниот фудбалер Миранчук погоди за 1-1.
Кога сите на стадионот во Москва очекуваа крај на мечот и поделба на пленот, Даглас Коста направи слалом низ противничката одбрана и со одмерен удар по земја, низ нозете на голманот Гилерме донесе важна победа за Јувентус и пласман во осминафиналето.
На вториот меч кој започна во истиот термин, Баерн во Минхен со 2-0 славеше триумф против грчки Олимпијакос.
Иако домаќините ја имаа иницијативата на мечот и создаваа шанси пред голот на Хосе Са, на првиот гол се чекаше дури до 69 минута. Левандовски, рутинирано, најдобро се снајде во шеснаесетникот за предност на Баварците од 1-0.
Во 88 минута Хрватот Перишиќ влезе во игра на местото на Габри, а по само 30-тина секунди налета на една одбиена топка во казнетиот простор пред голот на гостите и постигна гол за конечни 2-0.
Со овие 3 бода Баерн е чело на табелата во групата Б со максимален ефект, 12 бода од 4 меча. Баерн си обезбеди пласман во осминафиналето на ЛШ.