Далас Маверикс на 5.јануари ќе го повлечат бројот 41, во чест на Дирк Новицки, најдобриот играч во историјата на франшизата. Спектаклот ќе се случи на полувремето на натпреварот Далас-Голден стејт Вориорс.
Новицки, за кого многумина тврдат дека е најдобриот европски играч на сите времиња, кариерата ја заврши во 2019 година. Во НБА дебитираше во 1998 година, тој е единствениот играч во историјата на лигата кој одиграл 21 сезона за еден клуб.
Најголемиот успех на Новицки со Далас е освојувањето на шампионскиот прстен во 2011 година. Германецот беше МВП на лигата во 2007 година, четири пати бил во идеалната петорка, 14 пати учествувал на Ол стар натпреварите.
Новицки е шестиот најдобар стрелец на сите времиња, во кариерата постигнал 31.560 поени.