Пред вечерашното дерби во ЛШ на „Ноу Камп“ меѓу Барселона и Интер, интервју за италијанска „Газета дело Спорт“ даде младиот холандски фудбалер на Барса, Френки де Јонг кој летоска од Ајакс стигна во Каталонија.
„Кога ќе го чујам името на тој клуб (н.з. Интер), прво помислувам на мојот сонародник Весли Снајдер кој тука освои тројна круна. Интер е страшна екипа, многу напредуваа откако ги презема Антонио Конте. Тој е човек кој знае да освојува титули. Знаеше да триумфира и во Челси и во Јувентус, а и сега на „Меца“ почна добро“ рече Де Јонг.
За Барса вечерва се очекува по повредата да настапи и Меси, еден од најдобрите во светот на фудбалот години наназад.
„Ни недостасува, тоа е нормално, затоа што е најдобриот светски фудбалер, но и без него имаме доволно квалитет и идеја за да ја наметнеме нашата игра. Малку сме слаби, но сеуште сме сјајна екипа. Да играш со Меси е полесно, тој се прави многу добро. Кога ќе ви ја додаде топката, како со неа да доаѓа и упатство кое мора да го испочитувате. Тоа што тој го прави со топката е импресивно, но не и изненадувачки, затоа што истото го прави со години“ – изјави Холанѓанецот.