Италијанскиот фудбалер, Даниеле Де Роси со години беше водач на Рома, се разбира заедно со Франческо Тоти. Римскиот симбол на пожртвуваност и борбеност дури кога наполни 35 години и кога стана свесен дека не може на Рома да и го овозможи она што се бара од него, реши да си ја исполни својата желба, да заигра за Бока Јуниорс.
Сепак неговата авантура во Аргентина не траеше долго. Одигра за Бока само 5 меча, во Буенос Аирес помина 5 месеци и тогаш сфати дека не може без Рим.
„Чувствувам потреба да му се вратам на семејството, посебно ми недостасува детето. Сите се обидоа да ме разуверат, но ја донесов одлуката од која нема враќање“ – рече Де Роси по „пензионирањето“
По повеќе од 20 години тој има слободно време, па во неделата реши да ја гледа Рома на „Олимпика“ во големото градско дерби против Лацио.
Отсекогаш велеше дека сон му е да навива за „волчицата“ со најзапалените навивачи. Сакаше да помине незабележано, па одлучи да се маскира во старец. Така преправен заедно со тифозите навиваше за омилениот клуб.