Top Sport

Другар на МЈ раскажува: Пиевме цел ден, Мајкл испи 10 пива, па сам го разби Кливленд

Не е тајна дека легендарниот американски кошаркар, Мајкл Џордан е голем љубител на голф и на обложување, а најновата приказна за него ја раскажа хокеј-легендата на НХЛ и Чикаго Блекхокс, Џереми Роник.

Тој раскажа интересна случка во врска со обложувањето со популарниот МЈ. Иако се чинело невозможно, сепак кошаркарот го добил облогот.

„Игравме голф и го победив неколкупати. Заработив неколку илјади долари и тој се подготвуваше да си оди дома. Булси таа вечер требаше да играат против Кливленд. Беше 10 часот наутро и на одење ми рече `Не, ќе одиграме уште една партија`. Продолживме да играме, дури и попладнето, испивме секој по десетина пива, а тој потоа директно отиде на натпреварот. Се шегував со него дека сите пари кои ги добив на облог со него, ќе ги вложам во победа на Кливленд. На тоа ми рече `се обложувам дека ќе победиме со 20 разлика, а јас ќе дадам повеќе од 40 поени`. Прифатив веднаш. Човекот на крајот имаше 52 поени, а Булси ги победија Кавси со 26 разлика“ – се потсетува Роник.

Иако Роник не откри за кој точно меч се работи, при погледот во архивата на НБА дуелите најверојатно се работи за меч одигран на 28 март 1992 година.

Роник најверојатно поради пивото малку ги погрешил податоците.

Џордан не постигнал 52, туку 44 поени, а Кавси не загубиле со 26, туку со 24 разлика – 126-102.

Scroll to Top