Стивен Џерард речиси целата играчка кариера ја помина во Ливерпул, но малку недостасувало да биде поинаку. Актуелниот менаџер на шкотски Глазгов Ренџерс откри како одлучил да стане дел од „црвените“.
„Финалето од Купот меѓу Евертон и Ливерпул во 1986 година ме определи да поминам на страната на „црвените“. Евертон прв даде гол и тогаш сакав да бидам за Евертон, но резултатот се смени во 3-1 и од тогаш сум „црвен“ засекогаш“ – раскажа Џерард кој тогаш имал само 5 години.
Популарниот „Стиви Џи“ дебитираше за Ливерпул во 1998 година и со екипата стигна на кровот на Европа во 2005 година по пресвртот против Милан во Истанбул.
„Најдобрата ноќ во мојата фудбалска кариера. И наредни 50 години да го игравме истиот меч, немаше да го добиеме“ – рече Џерард.
Сепак, дамка во неговиот настап за „црвените“ е тоа што не успеа да дојде дотитула во Премиерлигата. Најблиску беше во 2014 година, но неговото „лизгање“ и контрата за Челси за погодок му го донесоа престижниот трофеј на Манчестер Сити.
„Испуштивме фантастична можност. Ја земам одговорноста за се што направив. За жал, по 38 меча, на крајот останавме кратки. И за тоа ќе жалам до крајот на животот“ – рече Џерард.