Top Sport

Ентрериос: Одиме на победа против Хрватска, но во полуфинале сите се опасни!

Европскиот ракометен шампион, Шпанија ќе настојува да ја победи Хрватска во последниот меч од групата 1 на Европското ракометно првенство без оглед на противникот во полуфиналето. Капитенот на „фуријата“, Раул Ентрериос најави победа против „коцкастите“.

„Ние ќе настојуваме да ја победиме Хрватска, а тогаш ќе видиме што ќе биде. Во полуфинале секоја селекција може да е опасна, кој и да е противникот, не можеш да си мирен. Ние ќе одиме чекор по чекор, тоа е филозофијата која не однесе до тука. Нашата најсилна страна е што играме како екипа, а тоа е нешто што треба да го има секој колектив. Важно е секој играч да придонесе за да се оствари целта на екипата“ вели 38-годишниот Ентрериос за шпанската телевизија „Teledeporte“.

Непоразените на ЕП – Хрватска и Шпанија утре ќе ги одмерат силите во мечот кој одлучува за првото место во групата, но и надеж за полесен противник во полуфинале, поточно избегнување на првиот фаворит, Норвешка. Шпанија ја брани титулата освоена пред 2 години. Ова за „фуријата“ ќе биде петто полуфинале.

„Ќе биде тешко да се повтори тоа. Оваа група играчи работи многу добро, сега сме многу задоволни што ја остваривме целта. Секогаш одиме ден по ден. Сега чувствуваме дека сме ја исполниле задачата“ – смета Ентрериос.

Бекот кој долги години е дел од Барселона на крајот на сезоната најверојатно ќе се прости од ракометот.

Scroll to Top