Поранешниот италијански фудбалски репрезентативец, Фабио Гросо е нов тренер на екипата на Бреша во Серија А. Гросо, за кого ова е трета самостојна работа, доаѓа на местото на Еугенио Корини кој доби отказ минатиот викенд.
Гросо, кој со Азурите го освои Мундијалот во 2006 година, веќе го одработи првиот тренинг со екипата.
Неговиот претходник на клупата на Бреша доби отказ затоа што клубот, во кој оваа сезона настапува и Марио Балотели, на досегашните 10 средби во првата италијанска лига доживеа дури 7 порази. Првиот предизвик за Гросо ќе биде во сабота, против екипата на Торино.
Тој „занаетот го печеше“ во младинската школа на Јувентус, а во јуни 2017 година го презема кормилото на Бари. Една година подоцна ја презема екипата на Верона, каде остана се до мај годинава.