Прославеното име на македонскиот фудбал и поранешен селектор, Ѓоре Јовановски е именуван за нов тренер на Работнички. По оставката на Горан Станковски, искусниот Јовановски ќе ги води „романтичарите“ до крајот на актуелнава сезона.
„По поднесената оставка од Горан Станковски раководството на Работнички на синоќешниот состанок одлучи до крајот на сезоната тимот да го води Ѓоре Јовановски. На Станковски искрено му заблагодаруваме на досегашната соработка, посакувајќи му успешна кариера во иднина“, изјавил за кофицијалната интернет страница претседателот на Работнички, Драган Поповски дополнувајќи дека искусниот стратег до крајот на актуелниот шампионат треба да го врати тимот резултатски во живот.
„Јовановски се враќа во добро позната средина. Веруваме дека може многу да донесе пред се зa психолошко враќање на екипата. Се договоривме за соработка до крајот на сезоната, а потоа од јуни ќе размислуваме за евентуално продолжување на истата“, истакнал Поповски.
Ѓоре Јовановски по третпат се враќа на клупата на „романтичарите“, откако беше на чело од 2003 до 2007 година, а потоа и во сезоната 2011/2012.
извор: fkrabotnicki.com