Tенисерoт Новак Ѓоковиќ откри како го насочува својот син Стефан сега кога јуниорот е присутен на речиси секој натпревар на Партизан во Евролигата.
Новак сериозно ја сфаќа пасијата на Стефан, разбира дека понекогаш амбиентот може да го „повлече“ и затоа како родител е внимателен.
Новак, како што е познато, е чест гостин на натпреварите од Евролигата на Звезда и Партизан, почесто секако на натпреварите на својот црвено-бел тим, но и на секој натпревар од Евролигата навива за својот вечен ривал. Нема проблем со тоа што неговиот наследник навива за ривалски клуб.
„Се надевам дека испраќа добра порака. Некои зборуваат дека сум му дозволил на син ми да навива за Партизан, а јас сум звездаш. Прашуваат како јас како татко можев да го дозволам тоа? Не му дозволив ништо, ниту го направив тоа за да му угодам на некого, но на син ми му дадов избор да го поддржи клубот што го сака и да се чувствува како што сака. Тоа е суштината на сè“, објасни Новак во интервју за „Вечерње новости“.
Тој го учи својот син Стефан на фер, спортски дух и почит кон противниците.
„Му кажав на син ми дека, што се однесува до мене, може да оди на натпреварите на Партизан, дури и кога играат со Звезда, како што беше случајот неодамна, па сите заедно одевме како семејство. Но во моментот кога ќе го слушнам како ги навредува играчите на Звезда, или пее навреди против најголемиот ривал или некои други тимови, во тој момент завршува неговото присуство на спортските натпревари. Тој тоа го знае и го почитува засега“, рече Ѓоковиќ.