Кошаркарската репрезентација на Грција по болниот пораз од Бразил во претходното коло на Мундобаскетот што се одржува во Кина, предмалку со 103-97 славеше победа против селекцијата на Нов Зеланд и како вторат во групата се пласираше во следната фаза на Мундобаскетот.
Пред почетокот на мечот, кошаркарите на Нов Зеланд го одиграа традиционалниот „хака танц“ кој сепак не ги исплаши Грците.
Грција беше фаворит на дуелот, па така и го започна, доминантно. Првата четвртина ја добија со 28-19.
Противниците во вториот период заиграа подобро, ја намалија предноста, а на одмор се замина со резултат 51-44.
Во третата четвртина предводена од еден од најдобрите играчи кои настапуваат на ова СП, Јанис Адетокумбо, Грција се одлепи, па последниот период беше рутина за коначна победа и премин во следната фаза, што значеше дека Нов Зеланд ќе разигрува за пласман од 17 до 32 место.
Адетокумбо на овој меч постигна 24 поени откако на претходниот беше задржан од цврстите Бразилци. Го следеше Папапетру со 16, додека Калатес постигна 14 поени.
Прва ѕвезда кај Нов Зеланд беше Вебстер со неверојатни 31 поен на неговото конто.