Top Sport

Хамилтон маестрално во Јапонија за да биде на чекор до титулата, Фетел се судри со Ферстапен! (видео)

Луис Хамилтон е на дофат до светската титула во Формула 1 оваа сезона, откако триумфираше на Јапонското ГП во Сузука, додека неговиот главен ривал, Себастијан Фетел се судри со Макс Ферстапен.

Со деветтата победа оваа сезона и шестото место на Фетел во Сузука, откако возачот на Ферари се враќаше од последното место, возачот на Мерцедес има неверојатна предност од 67 поени на само четири ГП трки до крајот. Ова значи дека Хамилтон треба да освои само осум поени повеќе од Фетел на следната трка во Остин, САД за да ја освои петтата титула во кариерата.

Хамилтон беше сигурен од пол-позицијата на стартот, оставајќи го колегата Валтери Ботас зад него, додека безбедносното возило излезе на патеката откако Шарл Леклер во Заубер го удри Кевин Магнусен во Хас. Претходно Макс Ферстапен го имаше првиот контакт со возач на Ферари, откако на последната кривина од првиот круг излезе од патеката и имаше мал контакт со Кими Раиконен, кој се обидуваше да го претекне. Фетел го искористи ова и од осмото место на стартот беше четврти пред излегувањето на безбедносното возило.

Кога безбедносното возило се тргна во осмиот круг, Фетел го нападна Ферстапен, кој веќе доби казна од 5 секунди за инцидентот. Фетел се обиде да влезе на брзата кривина Спун, но беше пребрз и имаше контакт со возачот на Ред бул и излезе надвор од патеката. Ферстапен продолжи без да загуби позиција, доека Фетел беше последен, а стјуардите не поделија казни.

И покрај казната, Ферстапен на крајот успеа да заврши како трет пред Раиконен, бидејќи Ферари повторно направија стратешка грешка и го повлекоа Финецот прв во бокс, по што тој „заглави“ зад болидите. Уште полошо за Ферари, и Даниел Рикардо го помина, иако тој стартуваше на 15. место.

Хамилтон напред немаше проблеми и ја одржуваше предноста, додека Фетел полека се враќаше до шестото место, и иако го стигна Раиконен, Ферари решија да не постават тимски наредби. Серхио Перез беше шести за Форс Индија пред Роман Грожан, Пјер Гасли, Естебан Окон и Карлос Саинс Јуниор.

Scroll to Top