Top Sport

Холандија е светски шампион со контроверзен гол во последна секунда

Холанѓанките се светски ракометни шампионки откако предмалку триумфираа во големото финале на Мундијалот во Кумамото, Јапонија против селекцијата на Шпанија. Мечот заврши со резултат 30-29, со гол од пенал буквално во последната секунда од мечот.

Ова е голем чекор напред за Холандија, прво светско злато, откако на претходниот Мундијал го освои бронзениот медал, исто како и на Европскиот шампионат.

Сепак, уште долго ќе се полемизира околу начинот на кој Холандија дојде до златото и дали одлуката на судската двојка – сестрите Бонавентура од Франција беше оправдана.

Шпанија го имаше последниот напад за победа и злато, откако претходно при резултат 29-29 Холандија не успеаа да дојде до предност. Шпанките не успеаја во последните 10 секунди од мечот да поентираат, топката беше во рацете на голманката Вестер која се обиде да фрли контра.

Пред неа се испречи противничкиот пивот, Хернандес и го блокираше ударот. Иако шпанската ракометарка беше во полето за игра, една од сестрите Бонавентура и покажа црвен картон и досуди пенал за Холандија кој успешно го реализираше Абинг.

Инаку, во текот на мечот во првото полувреме Шпанија имаше и +4 (6-2). Следуваше израмнување на 11-11, па пресврт на Холандија за +3 (16-13) на полувреме.

Во вториот дел водството константно беше на страна на Холанѓанките, најмногу со +5 (17-22). Сепак Шпанките не се предадоа, стигнаа до 29-29, го имаа и последниот напад за триумф, но…

Најефикасна кај победничката селекција беше Полман со 8 гола, а веднаш зад неа беше Абинг со 7.
Кај Шпанија Кабрал се истакна со 7 гола.

Scroll to Top