Милански Интер рано утринава го претстави новиот тренер на клубот, Антонио Конте.
„Пред да му понудиме договор, видовме дека имаме иста цел и поглед на фудбалот – победа. Глава, срце и нозе се три збора со кои може да се спореди кариерата на онте“ напишаа „Нероазурите“ на службената Инстаграм страница каде го претставија новиот тренер.
Антонио Конте (49) две години беше менаџер на Челси и со „сините“ ја освои Премиерлигата во сезоната 2016/2017 и ФА купот во 2017/2018. Потоа имаше едногодишна пауза од фудбалот.
Италијанскиот стратег претходно во кариерата беше кормилар на Сиена, Арецо, Аталанта, Бари, Јувентус, а беше и селектор на Италија. Со „Старата дама“ освои три Скудета во низа, во 2012, 2013 и 2014 година.
„Сигурен сум дека Конте ќе ни помогне во остварување на целта која секогаш е иста, Интер повторно да го направиме еден од најдобрите клубови во светот“ рече претседателот на клубот, Стивен Жанг.
„Ќе се обидам да ја оправдам довербата на претседателот и на директорот, го избрав Интер затоа што има амбициозен проект. Тоа е клуб со голема историја и сакам да го вратам на местото каде што припаѓа“ – истакна Конте.