Поранешниот хрватски тенисер, Горан Иванишевиќ смета дека АТП купот многу му помогнал на неговиот ученик, Новак Ѓоковиќ на стартот на новата сезона.
„Триумфот на АТП купот многу му помогна на Новак да ја подигне формата. Србија освои титула благодарение на Лајовиќ и Троицки, но Новак беше неверојатен. Му беше потребна таа позитивна енергија, го подигна нивото на игра и доби самодоверба“ – вели Иванишевиќ.
Хрватот, според многумина, е најзаслужен за подобрениот сервис на српскиот тенисер.
„Ми рече дека сака да го унапреди сервисот, пред се вториот сервис. Сега редовно бележи брзини од 180 до 190 километри на час. Сега повеќе верува во својот сервис“ – вели Иванишевиќ.
Тој потенцира дека има само една желба кога станува збор за работата со Ѓоковиќ.
„Имам само една желба, да останам доволно долго со Новак, да дочекам да стане најдобар тенисер на сите времиња. Она што го покажа последните 9 години сугерира токму на тоа“ – вели тој.