Англискиот дефанзивец, Хери Мегваер наскоро ќе стане нов член на Манчестер Јунајтед, пишуваат речиси сите медиуми на Островот. Информациите се дека Лестер Сити и Јунајтед успеале да се договорат околу цената на Мегваер по повеќемесечната сага.
„Црвените ѓаволи“ би требало на „лисиците“ да им платат 92 милиони евра, но се уште не е познато дали целата сума ќе биде исплатена веднаш или на рати, како и дали во трансферот се вклучени бонуси.
26-годишниот стопер на Гордиот Албион не беше во составот на Лестер во петокот на пријателскиот меч против Аталанта, што беше првиот знак дека тој го напушта клубот.
Доколку нема никакви пречки за реализирањето на овој трансфер, Јунајтед ќе ја добие битката со Ливерпул за најскапо платен дефанзивец. Моментално на врвот на таа листа е Вилџил ван Дајк кој во Ливерпул стигна за 82 милиони евра.
Мегваер пред Лестер играше и за Шефилд Јунајтед, Хал и за Виган.
Јунајтед претходно ги обезбеди потписите на Арон ван Бисака од Кристал Палас и Даниел Џејмс од Свонси.