Тренерот на Ливерпул, германскиот стратег Јирген Клоп денеска рече дека менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола е најдобриот тренер во светот.
Фудбалерите на двата клуба својот прв дуел во рамки на Премиерлигата сезонава ќе го имаат во недела на „Енфилд“ во рамки на 12. коло. „Црвените“ се на чело на табелата со 6 бода повеќе од конкурентот за титулата.
По минатото премиерлигашко коло, Гвардиола го обвини напаѓачот на Ливерпул, Садио Мане за симулирање, па Клоп денеска стави точка на целата приказна.
„Секогаш ни се наметнуваат прашања, а понекогаш го кажуваме она што во тој момент ни е на памет, не размислувајќи дека сме во јавност, дека се камерите околу нас. Гвардиола многу го почитувам, го познавам долго, за мене и понатаму е голема работа што можам да се натпреварувам со него. Пеп е за мене најдобриот тренер во светот. Имаме можност да ја победиме неговата екипа, што е многу тешко, но можно. За мене тоа е доволно“ додаде Клоп.